Легендарниот шпански стопер Жерар Пике кој најголем дел од својата кариера ја помина во Барселона освојувајќи се што можеше да се освои даде интересна изјава за тоа кој му бил најтешкиот противник за чување.
И покрај тоа што во долгата кариера се соочи со едни од најдобрите фудбалери во историјата, Пике го одбра Србинот Дејан Лекиќ за кој вели дека бил незапирлив и тоа не само за него, туку и за партнерот во одбраната Карлес Пујол.
„Се сеќавам на еден натпревар во Памплона кога загубивме со 3-2 од Осасуна. Имаа еден многу висок напаѓач Дејан Лекиќ. Мислев дека е Хрват, но тој бил Србин. Беше многу ладно, теренот не беше загреан. Под подлогата имаше цемент. Сите носеа копачки за футсал, а ние обични. Дури и во текот на загревањето ја почувствував разликата“, изјави Пике.
„Никогаш не сум бил толку фрустриран бидејќи не можев нормално да се движам, ниту за запрам. Чувствував како да трчам по бетон, но тој човек… беше незапирлив. Дури и Пујол не му можеше ништо. Ни даде два голови, од тој ден се шегувавме дека го направивме репрезентативец. Готово му ја поклонивме Златната топка“
Лекиќ се пресели во Осасуна во 2009 година од Црвена Звезда, а во богатата кариера која траеше се до 2021 година настапуваше за повеќе клубови од Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

