Пикси се сеќава: „Кога Панчев им „брцна“ на Бугарите пет гола за едно полувреме… Такво нешто еднаш се гледа!“

Не е никаква тајна дека најголемиот македонски фудбалер во историјата, Дарко Панчев, е секогаш изборот број еден за најдобар напаѓач со кој играл легендата на српскиот и југословенскиот фудбал, Драган Стојковиќ – Пикси.

Не ретко Пикси ја издвојува македонската „кобра“ во изборот на своите најдобри 11 фудбалери, за да сега повторно се потсетува на блескавите изданија на Панчев во неговата кариера.

Во разговор за српските медиуми, актуелниот селектор на Србија вели дека за него незаборавна партија на Дарко Панчев е кога на ЦСКА Софија на меѓународен турнир во Ница им даде пет гола за само едно полувреме. Тоа, и тоа како, покажува каков фудбалер најголемата македонска легенда.

„Дарко секогаш го издвојувам како најдобриот напаѓач. Па, човекот ги собори сите можни голгетерски рекорди во кариерата. Сите се сеќаваат на бројни негови голови во Купот на шампионите и во првенството, вистински ремек дела. Но, ако јас се прашувам, еден негов натпревар никогаш не можам да го заборавам. Такво нешто еднаш во животот се гледа“ – вели Пикси и дополнува…

„Игравме против ЦСКА Софија во полуфинале на силен меѓународен турнир во Ница. На полувремето беше 5-0 за нас, и сите пет гола дело на Дарко Панчев. Се гледаме во соблекувалната на полувреме и не можеме да веруваме. Го гледаме него, го прашуваме: ‘Па дали си бре ти нормален?’. А, тој се смее, знаете со она неговото – ‘па, се е тоа нормално’. Бугарите беа во бунило, не знаеја како да го чуваат Дарко. Пеколен голгетер. А, замислете тогаш ЦСКА со својата најсилна генерација во историјата, уби-боже силни со Стоичков, Пенев, Костадинов… Беше тоа навистина феноменален меч. Тоа беше прв натпревар на кој Дејо, Роби, Дарко и јас игравме заедно во дресот на Црвена Звезда. Рапсодија на терен. На крај мечот заврши со наша победа од 6-1, а Бугарите потопени не знаеја каде се наоѓаат. По мечот, нивниот тренер Димитар Пенев се шеташе сам по хотелот со некоја марама околу глава нешто мрмореше… Не знаеше што го снашло“ – низ смеа се потсетува Пикси.

Се вчитува...