Андреа Пирло се огласи за прв пат откако неговото име беше споменато како можно решение за клупата на италијанската репрезентација и остро одговори на обидите неговата кандидатура да се претвори во политичко прашање.
Легендарниот италијански играч од средниот ред изјави дека почитувањето на законот и професионалните договори не претставува никаква политичка или идеолошка позиција.
Почнаа контроверзии поради неговиот ангажман како глобален амбасадор за руска компанија за обложување, што предизвика многу критики во Италија. Некои противници на неговото назначување дури најавија и правни чекори за да го спречат да ја преземе репрезентацијата.
„Во последните неколку дена со голема горчина ги следев контроверзиите околу моето име и можноста да ја преземам улогата селектор на Италија. Од почит кон институциите, Федерацијата и сите вклучени, досега молчев, но сега чувствувам обврска да разјаснам неколку важни работи“, рече Пирло.
Поранешниот тренер на Јувентус нагласи дека во текот на целата своја кариера ги почитувал правилата на земјите каде што работел.
„За време на мојата кариера, и како играч и како тренер, секогаш ги почитував законите на земјите каде што работев и договорите што законски ги потпишав. Давањето политичко значење на таа професионална соработка значи да ми се припишат верувања што никогаш не сум ги изразил и кои воопшто не се мои“, додаде тој.
Пирло им се заблагодари и на Паоло Малдини и на Леонардо, кои се задолжени за спортски прашања во Италијанската фудбалска асоцијација.
„Сакам да им се заблагодарам на Малдини и Леонардо за почитта и довербата што ми ја покажаа. Целосно сум свесен за нивното искуство, знаење и трајна љубов кон италијанскиот фудбал“, рече тој.
Конечно, тој нагласи дека е разочаран што спортска одлука е претворена во јавна и политичка дебата.
„Жал ми е што спортска одлука толку брзо беше вовлечена во јавна контроверзност и што намери што не беа мои ми беа припишани. Мојата љубов кон Италија не зависи од минливи ставови. Таа е составен дел од мојата историја и идентитет и ќе остане таква засекогаш.“
Италијанската фудбалска федерација сè уште не донела конечна одлука за новиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
