Пирова победа за Грција над Чешка

Пирова победа на Грција на Чешка 77-84 во последното коло од К групата. Грција мораше да победи со минимум дванаесет разлика, а САД да го победи Бразил за да се надеваат на пласман меѓу осумте најдобри на Светското првенство.

Грција подобро го отвори мечот, особено во фазата на одбрана каде на Чесите во првиот период им дозволи само 12 поени, поведувајќи со плус шест (12-18). Со иста мера Чесите вратија во втората четвртина, одејќи на полувреме со минимална предност од еден поен (33-32).

Во третиот период до резултат 46-44 за Чешка се играше кош за кош, а потоа следуваше експлозија на Грците. Со серија од 13-3, до крајот на третата четвртина стигнаа (49-57). Одличната игра продолжи и во последниот период, а во 33. минута за првпат стигнаа и до потребните плус дванаесет (53-65). Клучниот момент се случи во 34. минута, кога поради петта лична грешка натпреварот мораше да го заврши првата ѕвезда кај Грција, Јанис Адетокумбо. Грците не можеа без својот најдобар кошаркар, а Чесите со серија од 15-5, на две минути до крајот стигнаа на само минус два (68-70). По тајм-аутот следеше нова серија од пет нула на Грција со која поведоа (68-75). До крајот сепак немаше време, Грците да стигнат до посакуваните дванаесет поени разлика забележувајќи пирова победа од (77-84).

Калатес со 27 поени беше најдобар кај Грците, додека повторно потфрли Адетокумбо кој натпреварот го заврши со само 12 поени. Кај Чесите најефикасен беше Бохачик со 25 поени, а одличен беше и Саторански кој уфрли 13 поени, надополнети со 8 скока и 9 асистенции.

Чесите со нетрпение го очекуваат мечот меѓу САД и Бразил, во кој ќе навиваат за Американците, како би избориле пласман во четвртфиналето на Мундобаскетот.

Се вчитува...