Поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, повтори дека воведувањето на ВАР системот во фудбалот е погрешно од неколку причини.
Зборувајќи на фестивалот „Тренто Спорт“ во Италија, поранешниот француски репрезентативец и трикратен освојувач на Златната топка рече дека натпреварите никогаш не требало да бидат ставени под контрола на технологијата, туку требало да останат во рацете на луѓето.
„Да бев претседател на ФИФА, ВАР немаше да постои. ВАР не е, и никогаш не може да биде дел од принципите на фудбалската игра и на фудбалската филозофија“, вели Платини.
Видео надзорот би се користел само, вели тој, за да се види дали топката ја поминала гол-линијата. И во никој друг случај. Сите други спорни ситуации би им ги препуштил на луѓето, односно на судиите.
„Имаме судии и нивни помошници. Зошто да ги комплицираме работите? Да го оставиме фудбалот на луѓето. Нека судиите судат. Нека биде фудбалот убав со сите негови грешки и недостатоци. Во тоа и е неговата убавина“.
Платини ја темели својата критика на традиционалното разбирање дека грешките се составен дел од играта и дека само човечкото око треба да ги процени и да донесува одлуки. Од друга страна, првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, има спротивно мислење, тврдејќи дека ВАР придонел за фер-игра и пофер резултати од играта.
Платини и Инфантино имаат историја на несогласувања. Спротивните ставови за темата ВАР се само мал дел од нивните трајни конфронтации. Затегнатиот однос меѓу двајцата датира од суспензијата на Платини во 2015 година поради контроверзна исплата од два милиони швајцарски франци што ги добил од Сеп Блатер додека вториот бил претседател на ФИФА.
Французинот јавно го обвини Инфантино дека „прави сè што е можно за да го спречи да се врати во фудбалот“, откако ја отслужи целосната забрана изречена од Етичкиот комитет на ФИФА.
Во 2022 година, Платини поднесе формална жалба против Инфантино за „активно влијание“ врз француските судови, дополнително продлабочувајќи го конфликтот меѓу нив.
Критиките на Платини за ВАР не се нови, бидејќи од 2019 година тој јавно го нарекува „ѓубре“ и „вистинско срање“ во разни интервјуа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

