ПЛМ: МЗТ Скопје на мегдан со ТФТ, Работнички патува за Струга

По неколкудневната пауза во Првата лига програмата продолжува денеска со два интересни меча во Скопје и Струга каде ТФТ на „Кале“ ќе го пречека МЗТ Скопје, додека Црн Дрим ќе се обиде да стигне до изненадување против Работнички.

Програмата започнува во Струга од 16 часот со натпревар во кој избраниците на Чочороски ќе се обидат да ја пренесат добрата игра од мечот со Куманово против фаворизираниот состав од Скопје. Овие два тима одиграа одличен натпревар во првиот дел од сезоната кој заврши со победа од 84-81 на Работнички, па очекувањата се големи. Работнички повторно ја има фаворитската улога, но на избраниците на Мираковски нема воопшто да им биде лесно против мотивираните стружани.

Час подоцна, од 17:00 ТФТ ќе се обиде да ја прекине серијата од три порази во низа против МЗТ Скопје. Составот од Тафталиџе по одличниот старт на сезоната се наоѓа во пад на форма која избраниците на Смилковски мораат да ја подобар во пресрет на дуелите во разигрувањето за титула.

На спротивната страна пак аеродромци во овој меч влегуваат по двата дуела против Младост Земун во четвртфиналето на АБА2 лигата по кои заврши „јадранското патишествие“, па погледот на „сино-белите“ ќе биде насочен само кон домашната сцена. Избраниците на Радуловиќ веќе обезбедија место во плејофот, но секоја победа значи и чекор поблиску до првите четири позиции на табелата кои би значеле и релативно полесен противник во првата рунда.

Првиот натпревар помеѓу овие два противника оваа сезона донесе одлична претстава во „Јане Сандански“ каде двата бода останаа кај домаќините, па тоа ќе биде и мотив повеќе за новалијата во Првата лига.

Се вчитува...