ПЛМ заостанати натпревари: АБА-лигашите се враќаат на домашно тло

Прволигашката кошарка продолжува денеска со два заостанати натпревари од петото, односно шестото коло во кои Вардар на домашен терен ќе го пречека „комшијата“ Работнички, додека МЗТ Скопје ќе се обиде да му се реваншира на составот на Академија ФМП во СЦ „Јане Сандански“.

Првиот натпревар, кој ќе биде одигран во Аеродром е со почеток од 16 часот во кој МЗТ Скопје ќе го пречека составот на Академија ФМП. Првиот меѓусебен натпревар донесе голема сензација во Кисела Вода каде поразот на „сино-белите“ значеше и смена на тренерското место во таборот на „сино-белите“, па „одмазда“ ќе биде мотив повеќе за аеродромци против „пантерите“.

За разлика од првиот натпревар тренерот Петровиќ нема да може да смета на услугите на Стефан Крстајиќ, кој е неизвесен до крајот на сезоната поради повреда, додека во составот на Радуловиќ се очекува враќање на Андреј Магдевски кој ги пропушти последните четири натпревари на „сино-белите“.

Час подоцна, од 17:00 на „Кале“ Работнички ќе се обиде да стигне до седмата победа во сезоната против Вардар. „Црвено-белите“ влегуваат како фаворит на денешниот меч против клубот од долниот дел на табелата, но на центарци нема да им биде нималку лесно против младиот и мотивиран состав на Јованчев.

Димитар Мираковски ќе има проблеми со ротацијата со оглед на повредата на Кире Николовски и правилото на два Македонци на паркетот во секое време, а со оглед на скратената ротација, ќе биде интересно да го проследиме овој меч. „Црвено-црните“ се во „мртва трка“ со МЗТ Скопје 2 во борбата за опстанок па тоа ќе биде и мотив повеќе за составот од „Кале“ во обид да се земе „скалпот“ на најтрофејниот македонски клуб и да се зголемат шансите за опстанок во „елитата“.

Се вчитува...