ПЛЖ: Триумфи за Бадел 1862 и Про Баскет во третото коло

Во рамките на третото коло од Првата лига во женска конкуренција беа одиграни само два од предвидените пет натпревари по кои победи забележаа Бадел 1862 и Про Баскет.

„Баделки“ на домашен терен славеа над Трокал со 90-37. Избраничките на Перо Стамески победата ја најавија уште во првата четвртина кога поведоа со 25-10, а веќе до полувремето имаа предност од +37 (53-16). Во вториот дел од натпреварот домашниот тим продолжи да ја игра својата игра и дополнително ја зголеми предноста. Цветанка Димова го предводеше Бадел 1862 со 21 поен, неа ја следеше Сања Адамовски со 20 поени, Драгана Јоловиќ додаде 14 поени, додека како двоцифрена заврши и Наталија Секуловска која броеше до 10 поени.

На триумф се радуваше и тимот на Про Баскет кој на гостински терен славеше над Куманово со 37-63. По десет минути игра кавадарчанки имаа двоцифрена предност (7-17), која до полувремето дополнително се зголеми (19-38). На натпреварот изедначена беше само последната четвртина (10-11) во која составот на Атанас Димов влезе со предност од 27-52.

По овој натпревар Бадел 1862 останува на првата позиција во групата „Запад“ со перфектен скор 3-0, додека пак тимот од Кавадарци со скор 2-1 засега е на првата позиција на табелата со групата „Исток“ со еден натпревар повеќе од Вардар.

Се вчитува...