ПМФЛ, 22. КОЛО: Шкендија нема повеќе право на „кикс“, лидерот Шкупи сака нов триумф

Денесека се играат петте одложени натпревари од 22. коло во Првата македонска фудбалска лига. Петте натпревари требаше да се играат во неделата, но поради врнежите од снег беа одложени за денеска.

Дербито е на Арената „Тодор Проески“ каде што Работнички го пречекува аспирантот за титулата, тимот на Шкендија. Двата тима практични немаат право на грешка. Шкендија ако сака да остане со шансите за нова титула, додека Работнички да направи добра разлика во битката за директниот опстанок, како и да фати приклучок кон горниот дел на табелата.

„Фаворити сме денеска на натпреварот со Работнички. Нема да го потцениме противникот иако се наоѓа на 8. место на табелата. Напротив, треба да дадеме се од себе да оствариме победа. Ќе имаме добри услови а игра, добриот терен ќе ни овозможи да го прикажеме она што се очекува од нас. И токму од тука верувам дека ќе се вратиме во Тетово со три бода“, вели Костадин Захов, голманот на Шкендија.

Поради пет жолти картони, Љупчо Дориев нема да биде во комбинација за денешниот дуел.

Лидерот Шкупи ќе чека „кикс“ на Шкендија, и ќе се обиде да победи во Тетово, против Ренова. „Гипсарите“ освен онаа победа над Брегалница, потоа загубија од Македонија ЃП и одиграа само нерешено со последнопласираниот Пелистер. Меѓутоа Ќатип Османи и во минатото знаел да му прави проблеми на Гоце Седлоски во Првата лига, дали како тренер на Ренова или како тренер на Шкендија, па од тука се очекува интересен дуел. Воедно, Османи кратко беше дел и од Шкупи, и ќе има дополнителен мотив денеска. Шкупи, пак, е во одлична серија, забележа три победи во првите три натпревари од пролетниот дел, ја зголеми разликата од Шкендија на 10 бодови, и веќе се подготвува шампионско славје на „Чаир“.

Академија Пандев е голем фаворит против Борец. „Академците“ оваа пролет покажаа дека играат добар фудбал. Беа рамноправни со Шкупи иако загубија, потоа катастрофално го совладаа составот на Скопје, а одиграа без голови со Шкендија. Борец, пак, освен бодот против Скопје, ги загубија дуелите со Шкендија и со Струга ТЛ и пред денешниот дуел не може да се пофалат со добра форма.

Интересно ќе биде и во Струга, каде што Струга ТЛ игра против Македонија ЃП. Струга сезонава продолжува да игра во стил „топло-ладно“, а Македонија ЃП е во добра форма и веќе почна да го напаѓа и третото место на табелата.

Марјан Секуловски денеска се враќа во Штип. Откако го водеше тимот на Брегалница во есенскиот дел, замина од фамилијарни причини па го презеде тимот на Пелистер. Брегалница важи за голем фаворит, а Илчо Ѓорѓиоски ја бара првата победа во Првата лига откако го презеде тимот на штипјани во текот на зимската пауза.

ПРВА ЛИГА, ДВОЈКИ (денеска, 14 ч.):

Ак. Пандев – Борец
Брегалница – Пелистер
Работнички – Шкендија
Ренова – Шкупи
Струга – Македонија ЃП
05.03.2022 Тиквеш – Скопје 3-0

Се вчитува...