По голема битка совладана Украина – Танкоски донесе полуфинале

Македонија го освои првото место во својата група од ЕХФ шампионатот во Скопје, славејќи со 28-27 на клучниот натпревар против соодветната селекција на Украина. Бодовите од овој меч значат и пласман во полуфиналето и пресметка со Фарските острови, голем чекор напред во обидот да се обезбеди влез во ракометната елита на оваа возрасна генерација. Во голема битка пресуди Марио Танкоски, кој постигна два клучни гола во последните две минути, носејќи пресврт за голем триумф.

Македонските младинци добро го почнаа мечот и поведоа со 3-1, но потоа следеше огромен пад во нивнта игра. По наивното исклучување на Арсеновски следеше серија на противникот од 5-0, по што Украинците влегоа во ритам што нашите ракометари не можеа да го следат. Противникот стигна и до 4-9, за Македонија конечно да ги консолидира своите редови, да добие на сигурност во нападот и да почне да се враќа на резултатски план. Танкоски даде два значајни гола во серија, самодовербата се врати, па наскоро стигнавме и до „минус еден“. Пред самиот крај голманот Петковски одбрани седмерец, веднаш потоа следеше гол на спротивната страна, па на одмор се замина со предност на Украина од 14-15.

Далеку поцврстата одбрана на статот од второто полувреме вроди со резултат, па избраниците на Брестовац експресно направија пресврт и поведоа со два гола (20-18). Темпото не беше задржано уште долго, а штом опадна агресивноста во одбраната се овозможи Украина да ја врати својата сигурност во нападот. Кизиќ, кој во меѓувреме застана на голот, имаше две значајни интервенции, по што на пет минути пред крајот поведовме со 26-25. Сепак, следеше исклучување во нашите редови по кое ривалите постигнаа два погодоци и направија пресврт, пред Танкоски да израмни на 27-27 на 150 секунди до крајот.

И повторно кога беше најважно Танкоски ја презеде оддговорноста и погоди за водство на една минута пред последниот звук на сирената. Следеше промашување на Украинците за конечна победа на Македонија и заслужен пласман на првото место. Со тоа, „црвено-жолтите“ за ривал ќе ја имаат репрезентацијата на Фарски острови, селекција што реално според квалитетот може да се мине и да се игра големо финале на ЕХФ шампионатот во Скопје.

Се вчитува...