По триумф над Словачка за „печат“ на првото место

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва (СЦ „Јане Сандански“, 20.15 часот) ќе го пречека националниот тим на Словачка, во обид да стигне до третата победа во низа во претквалификациите за Евробаскет 2021. Иако за математичко осигурување на пласманот во следната фаза неопходно ќе биде да се почекаат јунските натпревари, јасно е дека денешниот дуел е клучен, бидејќи со него ќе се потврди триумфот од првото коло на гостински терен во Словачка.

Тоа беше меч на кој Македонија одигра беспрекорно, целосно го неутрализираше Кајл Курич, а во однос на ноемврискиот дуел „црвено-жолтите“ сега ќе бидат посилни за Костоски и Трајковски.

„Сигурно ќе треба да одиграме максимално, но имаме квалитет за да победиме. Словаците имаат солидна екипа, еден екстра-играч Курич, кој е извонреден шутер. Сепак, мое мислење е дека по победата во Словачка треба да го завериме новиот триумф. За мене најважно е формата да продолжи да се движи во нагорна линија и експресно ќе се вратиме онаму каде што ни е местото“ – изјави Давитков.

Капитенот Војдан Стојановски ги повика своите соиграчи на максимална концентрација во одбраната од самиот почеток, се со цел што побрзо да се скрши отпорот на противникот.

„Сите ние како играчи знаеме колку е важен овој натпревар за нас. Најважно е да не се опуштаме само затоа што ги победивме Словаците на гостински терен. Едно е сигурно, нема да биде лесно бидејќи противникот не треба да биде отпишан. Важно е да почнеме максимално добро во одбраната, да го исфрлиме противникот од ритам и да стигнеме до посакуваниот триумф“ – изјави Стојановски.

Македонската Кошаркарска Федерација донесе одлука влезот за денешниот натпревар да биде бесплатен, се со цел репрезентативците да ја добијат неопходната поддршка во овој многу значаен натпревар.

Се вчитува...