Победа на Металург за збогум на Јагањац

Металург се прости од Халил Јагањац и конечно, стигна до првата победа сезонава. По пет порази и едно реми, во седмиот натпревар  тимот од Автокоманда го победи Татран Прешов со 30-28. За македонскиот вицешампион ова е прва победа во сите натпреварувања сезонава. За Татран Прешов пак, ова е трет пораз во регионалното натпреварување.

„Металурзи“ имаа добар старт и почетно водство од 3-0 со двете контри по ред на Анте Токиќ и еден погодок на Димитар Димитриоски. Во наредните минути Татран Прешов возврати исто така со три гола во серија и дојде до изедначување.

Сепак, ова беа минути на Металург, добро функционираше одбраната, Мартин Томовски беше сигурен на голот, а сето тоа резултираше со лесни голови во нападот и водство на „металурзи“ со 10-5 во 19.минута. Нерешлива енигма за одбраната на Татран Прешов беше Анте Токиќ кој во првите дваесет минути  постигна шест од 11.гола на Металург. Шоуто на Токиќ и доминацијата на Металург продолжи до крајот на првиот дек по кој домаќините имаа предност од 15-11.

Во второто полувреме, Металург уште на стартот со 5-1 одбрана се обиде да го неутрализира Јануш Лапајне кој беше главниот креатор во нападот на Татран Прешов и успеа да ја задржи позитивата.

Халил Јагањац во 38 минута го постигна својот прв вгол во последниот натпревар во дресот на Металург пред да замине во Нексе, а десет минути подоцна со третиот погодок му донесе предност на Металург на 23-18. Со уште еден погодок на Јагањац, „металурзи“ во 49.минута дојдоа до највисока предност од 25-18, заокружувајќи ја серијата од 4-0.

Прв пат сезонава, Металург со сигурна предност влезе во завршните десет минути од натпреварот. Јагањац се разигра за збогум и запиша шест гола за дваесетина минути. Данило Брестовац побара тајм-аут и одлучи во завршницата да ја брани предноста со напад „7 на 6“ и тоа функционираше успешно. Овој пат младиот состав на Металург ја задржа концентрацијата и ефикасноста во играта до крај и конечно, и се израдува на првата победа сезонава.

Анте Токиќ постигна девет, Халил Јагањац заврши со шест гола, а Мартин Томовски ја запечати победата на Металург со десет одбрани. Кај Татран Прешов најефикасни беа Томаш Чип со осум и Јануш Лапајне со седум гола.

Следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург го игра на 7 ноември кога во Скопје гостува новакот во ова натпреварување, тимот на Стеауа Букурешт.

Се вчитува...