Почина легендарниот Ивица Осим

Тажни вести за фудбалската јавност од Балканот, но и Европа, од Австрија. Почина легендарниот Ивица Осим!

Едно од најславните фудбалски имиња од поранешна СФРЈ, легендарниот тренер од БиХ, Ивица Осим почина на 82-годишна возраст во 10 часот утрово во австриски Грац, каде живееше долги години.

Осим е роден во 1941 година во Сараево, а играчката кариера ја започнал во Железничар. За тимот од Сараево играше цели 11 години, а потоа играчката кариера ја продолжи во Франција. За репрезентацијата на поранешна СФРЈ има 16 натпревари, постигнувајќи осум голови а беше дел од репрезентација која на ЕП 1968 освои сребрен медал.

Македонија го памети секако најмногу како селектор на Југославија со која на СП 1990 во Италија го реализираше еден од најголемите успеси на југословенскиот фудбал, петтото место на Мундијалот со репрезентацијата во која беа и Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ. Под негова палка репрезентацијата на Југославија доминантно обезбеди настап и на ЕП 1992, но доби забрана поради санкциите кон СФРЈ. Осим беше и последниот селектор на репрезентација на поранешна Југославија.

Во својата тренерска кариера беше и тренер на Партизан, Панатинаикос, Џеф јунајтед и австриски Штурм.

Се вчитува...