Почина светскиот шампион во мотоциклизам, Фаусто Гресини ја изгуби битката со Ковид-19

По двомесечна борба со коронавирусот, почина првиот човек на екипата на Гресини Расинг, Фаусто Гресини. Тој имаше 60 години. Овој поранешен светски шампион во категоријата до 125 кубни метри, наполни 60 години само пред неколку дена. Се бореше со оваа болест скоро два месеца и долго време беше во болница.

Гресини се занимава со мотоциклизам од својата 17-та година, а во 1983 година се приклучи на МБА тимот на Светскиот шампионат во мотоциклизам. Во 1985 и 1987 година тој освои две титули светски првак во класата 125 кубика. Фаусто има најмногу врзани победи во таа класа и го дели тој рекорд со Анхел Нието. Двајцата славеа на 11 последователни трки. Во 1994 година, тој престана да вози на Светскиот шампионат, а во 1997 година го основа Гресини Расинг.

Фаусто Гресини беше шеф на тимот кој се натпреваруваше многу години во Мото ГП шампионатот, а во последните неколку години соработуваше со Априлија. Гресини исто така имаше екипи во пониските категории, а неодамна и во категоријата – МотоЕ. Четворица возачи освоија титули за тимот на Гресини, Даиџиро Като во 2001 година во категоријата – 250 кубика, Тони Елиас во 2010 година во категоријата – Мото2, Хорхе Мартин во категоријата Мото3 во 2018 година и Матео Ферари во 2019 година во класата – МотоЕ.

Се вчитува...