Почнува ЕВРО 2020: Македонија за првпат меѓу фудбалските великани, Франција, Англија и Белгија во мисија да се покори Европа

Дојде и тој ден, од денес, 11 јуни, па до истиот ден следниот месец во центарот на вниманието на спортската јавност ќе биде Европското фудбалско првенство. Овој фудбалски спектакл за нас ќе биде поинаков од сите досегашни, имајќи предвид дека фудбалската репрезентација на Македонија ќе настапи на ова првенство што ќе се одржи ширум целиот континент, односно домаќини ќе бидат 11 градови.

Турнирот што требаше да се одржи минатото лето, беше презакажан за оваа година поради пандемијата што ја предизвика Ковид-19.

Првиот натпревар со кој ќе биде отворен овој турнир е закажан за вечерва, а истиот ќе се одигра во Рим на стадионот „Олимпико“. На овој дуел ќе се сретнат Италија и Турција. Останатите градови-домаќини се Баку, Будимпешта, Букурешт, Амстердам, Глазгов, Копенхаген, Лондон, Минхен и Севилја и Санкт Петербург, кои во последен момент влегоа во програмата, како замени за Билбао и Даблин.

Од сите 24 репрезентации учесницни на ЕУРО 2020 година, Македонија и Финска се дебитанти. Форматот на натпреварувањето е добро познат и 24-те тимови се поделени во шест групи од по четири селекции. Најдобрите две репрезентации во групите ќе обезбедат пласман во осмифиналето, како и најдобрите четири третопласирани.

За потсетување, Португалија е актуелен шампион откако го освои турнирот во 2016 година во Франција и тоа по победата токму над домаќинот со минимални 1-0 во продолженијата. Оваа година Португалија дефинитивно е еден од фаворитите за трофејот, бидејќи покрај Кристијано Роналдо, тука се уште неколку ѕвезди како Бруно Фернандеш, Диого Жота, Бернардо Силва и Рубен Дијаш, кои блескаат на европската фудбалска сцена.

Меѓу главните фаворите се очекува да бидат Франција, Белгија и Англија, но никој не смее да ги заборави и Италијанците. Германија во последно време не бележи добри резултати, но ова ќе биде последен турнир за селекторо Јоаким Лев и никој никогаш не смее да ги исклучи „панцерите“ од шанса за висок пласман. Од позадина може да очекуваме изненадување и од подмладената Шпанија, а можеби и Холандија, која се наоѓа во групата Ц заедно со Македонија.

Според обложувалниците и фудбалските аналитичари, сите се согласуваат дека Франција го има можеби најдобриот тим од сите репрезентации. Засилени со кам-бекот на Карим Бензема во нападот, заедно со Килијан Мбапе, Антоан Гризман, Пол Погба, Нголо Канте и Рафаел Варан, селекторот Дидие Дешамп на располагање има вистински „дрим-тим“. Франција е актуелен светски првак и сака да ја повтори историјата, кога по СП 1998 година, стана и европски првак две години подоцна.

ГРУПА А – Турција, Италија, Велс, Швајцарија

ГРУПА Б – Белгија, Данска, Финска, Русија

ГРУПА Ц – Холандија, Австрија, Украина, Македонија

ГРУПА Д – Англија, Хрватска, Шкотска, Чешка

ГРУПА Е – Шведска, Шпанија, Полска, Словачка

ГРУПА Ф – Португалија, Франција, Германија и Унгарија

Се вчитува...