Се е подготвено за стартот на новата сезона во ракометната Супер-лига, што официјално ќе биде означен со денешниот дуел во кој шампионот Вардар ќе го пречека составот на Е. Пелистер 2. Бранителот на трофејот следната седмица го почнува настапот во ЛШ, и тоа на гостински терен во Германија против Мелсунген, што е причината „црвено-црните“ денеска да го играат својот натпревар од првото коло, за потоа да се фокусират максимално на камбекот во елитното европско натпреварување.
„Вардарци“ минатата сезона на доминантен начин стигнаа до титулата, што беше само мотив плус за ривалите дополнително да се засилат, за во новата сезона борбата за трофејот да биде далеку поинтересна.
Едногласен е ставот на јавноста, пред нас е ракометно лудило бидејќи квалитетот во Супер-лигата никогаш не бил на така високо ниво, особено меѓу најдобрите четири тима.
Вардар направи значајни промени во играчкиот кадар, но се уште има ростер за титула. Пелистер ги задржа клучните домашни ракометари, Филип Кузмановски игра во животна форма, а значаен адут на битолчани ќе биде и Лино Червар, стариот лисец кој веќе има докажано дека знае како се освојуваат трофеи во мак-ракометот.
Охрид осоколен по европскиот трофеј сега посакува и пехар на домашната сцена, Ројевиќ го засили тимот на неколку позиции, а никако не смее да се отпише ниту Алкалоид, тимот предводен од селекторот Кире Лазаров го задржа костурот на ростерот, а дополнително се засили со Цехте, Борозан и со Сухолежник, кои донесоа дополнителен квалитет кај „сино-белите“ од Автокоманда.
Шоуто може да почне, сомнеж нема – пред нас се месеци и месеци жестока борба за титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
