Под нова команда Македонија сака победничко продолжување на квалификациите за СП 2022!

Под команда на новиот селектор Благоја Милевски македонската репрезентација денеска од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ против Ерменија ги продолжува квалификациите за СП 2022.

Нови визии, нови идеи, нов лик на сениорскиот тим на терен како начин за чекор плус во желбите за успешен квалификациски циклус.

„Неминовно беше одредено освежување на тимот, иако голем дел од составот го сочинуваат фудбалери кои веќе беа тука. Сета наша концентрација е насочена кон тоа да функционираме како тим. Времето е кратко, но тоа што го видов од момците ми дава за право да бидеме позитивни. Оптимист сум, иако немавме доволно време да ги пренесеме сите наши замисли и идеи. Но, верувам во фудбалерите и во нивниот професионализам. Тие се добри карактери и се адаптираат на сите нови замисли“ – вели селекторот Милевски пред своето деби на клупата на сениорскиот национален тим.

Ерменија е повеќе од квалитетна селекција која сериозно напредуваше под водство на Капарос. Лидер е на табелата во групата, и желна и по овој натпревар во Скопје да остане на тоа место…

„Ерменија е доста квалитетен тим, се гледа одличната работа на селекторот. Против Шведска и Хрватска одиграа одлични контролни натпревари, имаат три победи во групата и тоа доволно зборува за силата на противникот. Периодот е специфичен, многу од фудбалерите сеуште го немаат правиот натпреварувачки ритам, или имаат мала минутажа во своите клубови, тоа може да биде наш проблем, но затоа се освежувањата во тимот. Знам дека ќе го дадат својот максимум и ќе потврдат дека со право се тука“ – дополнува Милевски.

А, еднакво е размислувањето и на капитенот Стефан Ристовски…

„Фудбалот е веќе до степен да немаме многу време за размислување, кратко време за подготовки, три натпревари, имаме промени во составот, но доволно сме професионалци да продолжиме каде што застанавме. На теренот нема поделба на стари и млади. Сите треба да одговориме на предизвикот. Без ралика на промените доаѓаме од ЕП и мислам дека треба да гледаме позитивно и тоа да ни биде поттик за уште подобри резултати“ – вели Ристовски.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (4. КОЛО, денеска – 20:45 ч.)

Исланд – Романија

МАКЕДОНИЈА – Ерменија

Лихтенштајн – Германија

Се вчитува...