ПОД ОБРАЧ: Македонски кошаркарски циркус наречен плеј-аут

Марио Диванисов

Кога е кошарката во прашање во Македонија и кога мислите дека веќе ништо не може да ве изненади, од нигде никаде некој ќе направи некој катастрофален потег со кој добро треба да се запрашате што работите, но и што работат тие што треба да си ја сработат задачата и да го водат овој спорт.

Таков е последниот потег на КФСМ со воведувањето на плеј-аут натпревари кои директно во серија подобар од три ќе одлучуваат за опстанок меѓу „елитата“ следната сезона. Со ваквата одлука, наместо четирите тима да разигруваат лигашки и да се земат во предвид претходните резултати, целосно се занемарува целата пот и целиот труд на сите инволвирани во еден клуб кои пет месеци напорно работат за изградување на еден тим, во услови на пандемија, притоа загрозувајќи го својот живот, но животот на своите блиски.

Ситуацијата е следна, Кожув има десет победи во лигашкиот дел, Црн Дрим само две… но сега стружани имаат можност со две победи во наредните три меча да го испратат тимот од Гевгелија во Втората лига. И тоа сосема луцидно користејќи ја „дупката во правилата“ која им овозможи да купат играчи за само еден месец со кои ќе состават максимално конкурентна екипа во овие битки за опстанок.

Јасно е дека форматот кој функционираше досега не може да биде запазен со оглед на ситуацијата која го опфати целиот свет и дека промени се повеќе од потребни со цел запазување на крајот на првенството, потребниот одмор и репрезентативните дуели кои следат, но ова ја губи целата смисла, уште повеќе – целосно го урива ферплејот кој треба да биде заштитен знак во спортот. Со ваков систем фаворизирате, некому му го „олеснувате“ патот до опстанок, а притоа ги занемарувате трудот и макотрпната работа на сите останати.

Мора да биде јасно дека доведувате во ситуација клуб кој цела сезона излегува на терен и се бори 40 минути за да дојде до победа, притоа остварува 10, 6, или пак 4 победи во првенство и целата сезона му се сведува на три натпревари. Едноставно не може некој клуб да зема пари од државата преку ваучери и истите да ги користи во текот на целата сезона, а некој да ги „чува“ и потоа да „искешира“ дел од нив на странци за месец или два, онака како му одговара за да си ја оствари онаа минимална цел, опстанок во елитата.

Оваа дупка во правилникот за доведување на нови играчи на „краток рок“ не е од сега, со години ја користат и далеку поамбициозни клубови, носејќи скапи играчи за битки за трофеите за две до три плати годишно. Тоа е проблем што треба да се реши за во иднина, но штетата е веќе направена сезонава, бидејќи со промената на системот за плејаут тотално се урива регуларноста во таа битка за опстанок.

Ако кошарката сака пак да биде „ин“ во Македонија, мора да се искоренат овие „селски финти“ за ситни интереси од кои профитираат поединци, а спортот тоне. А тоа е работа на федерацијата, нели… спортот на спортистите…

Се вчитува...