Погледите кон Енис БАРДИ: Подготвени за борба до крај!

ЕКИПА во Хаифа, Израел

Владимир Булатовиќ

Ако погледите на македонската јавност овој пат се насочени кон некого пред еден наш репрезентативен настап, тоа без сомнение е Енис Барди.

Фудбалерот од средниот ред на шпанскиот Леванте игра во извонредна форма низ целата 2017 година, сето тоа дополнително нагласено на почетокот од новата сезона во шпанската Примера. Токму затоа, веројатно и добар дел од тактичката определба на македонскиот стручен штаб ќе биде играта во средниот ред и офанзивата да се заокужи околу Енис Барди.

„Јас, како и секогаш, сум подготвен за новиот предизвик“ – вели Барди пред денешниот натпревар со Израелците во Хаифа, не криејќи го задоволството од одличната атмосфера која владее во репрезентативните редови.

„Ние на секој натпревар треба да покажуваме дека сме се подобри и подобри. Добро се познаваме сите меѓу себе, иако ние помладите досега повеќе бевме ангажирани околу младата селекција. Атмосферата во репрезентација е одлична, ми се чини како никогаш претходно досега, па сето тоа треба да го преточиме во добар резултат“.

Летово е непогрешлив од слободните удари во дресот на Леванте. Сега на ред е Македонија…

„Нека има што повеќе слободни удари, па секако ќе се потрудиме да има и реализација. Но, не е важно кој и како ќе постигнува голови, важно се победите“ – вели Барди.

Се вчитува...