Покетино: Меси за малку ќе завршеше во Еспањол, сега го сакам во ПСЖ

Тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино, повторно проговори за евентуалниот трансфер на Лионел Меси од Барселона во Париз. Аргентинецот уште од минатото лето често се поврзува со промена на средината и договор со челниците на ПСЖ, а со доаѓањето на неговиот сонародник Покетино, тие шпекулации сега станаа уште погласни.

Тренерот на францускиот тим зборуваше за Меси и за изјавата на Нејмар дека би сакал следната сезона повторно да игра со Лео.

“Ги слушнав изјавите на Нејмар. Треба да бидеме повнимателни кога зборуваме за играчи од други тимови. Сонот е дефинитивно да ги имаме најдобрите играчи во тимот, а јас се надевам дека ПСЖ ќе успее да го оствари овој сон”, рече Покетино.

Маурисио откри дека Барселона за малку ќе ја направила грешката на векот, зошто речиси договорила позајмица на Меси во Еспањол во 2004-та година.

“Меси требаше да игра за Еспањол. Веќе беше договорен пред мечот Барселона – Јувентус, натпревар кој се играше за трофејот Жоан Гампер”, откри Покетино.

Лео го искористил овој натпревар и ја покажал „магијата“ и неговата големина. Самиот Фабио Капело имал желба да го донесе во Јувентус, а управата на Барса се предомислила и решила да му даде шанса на Лео во првиот тим.

Аргентинецот ова го искористи на најдобар можен начин, експресно наметнувајќи се како еден од најдобрите играчи. Се останато е историја – Меси низ годините стана еден од најдобрите фудбалери што некогаш биле дел од овој спорт.

Се вчитува...