Полна сала, моќна Македонија – успехот е загарантиран (фотогалерија)

Македонските ракометари одиграа два одлични меча за неколку дена и со убедливи победи над Естонија и над Литванија ја остварија зацртаната цел – пласман на ЕП 2026 што ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка следниот јануари.

Предизвикот беше голем, Литванците дури и гласно се закануваа дека можат повторно да слават против нашите асови, но со тоа само дополнително ги мотивираа Лазаров и неговите избраници. Се што имаа да кажат, македонските ракометари кажаа на терен – се вратија по бавниот почеток, а во второто полувреме го демолираа противникот.

Значаен придонес имаше и публиката, која ја наполни салата „Јане Сандански“, давајќи им крила на ракометарите и кога не им одеше, а во вториот дел создавајќи пеколна атмосфера во која противниците не успеаја да се снајдат.

Кога Македонија игра така моќно во одбраната, а зад себе има ваква публика – успехот е загарантиран. И апсолутно заслужен, за седмо европско првенство во низа за „црвено-жолтите“.

Се вчитува...