Положани: Можеби се очекуваше повисока победа, но немам замерки за пристапот

Шкендија со победа и на реваншот против Европа во Скопје, обезбеди пласман во 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции. Вечерва тетовскиот тим победи минимално со 1-0 со голот на Ване Крстевски во 86. минута од средбата.

После натпреварот на прес-конференцијата тренерот на тетовци Артим Положани ги искажа своите импресии од мечот.

„Се очекуваше друг резултат и повисок од овој што победивме, но задоволен сум од пристапот. Недостасуваше завршен пас во нападот и тоа ќе мора да го корегираме затоа што ќе ни треба за во иднина. Сега доаѓаат потешки противници. Тоа ќе треба да се работи во недела, затоа што со посериозни екипи мораме да играме подобро“, изјави Положани.

На овој натпревар не играше првиот голман Бабукар Гаје, а Положани објасни што беше причината за неговото отсуство.

„Гаје имаше мал проблем физички и не сакаме да ризикуваме. Имаше и Мелиќи проблем, и не сакавме да ризикуваме, и играа со температура Димоски и Зејнулаи, но стиснаа заби“, рече тренерот на Шкендија.

Сега за тетовскиот тим следува двомеч со словенечкиот тим Браво во 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции.

„Нормално, ние не губевме време многу, веќе размислувавме за Браво после првиот меч. Физички е многу добар тим и нас ќе ни биде тешко. Секое коло доаѓаат се потешки и посериозни екипи, и нормално дека треба да одиме на една брзина повеќе, затоа што како одиме се подалеку во Европа противниците се потешки. Се работи за екипа која заврши на третото место во шампионатот на Словенија, и тоа првенство е квалитетно, затоа што неколку екипи од таа земја играа и во Европа и треба да бидеме повнимателни и да бидеме подобри“, рече Положани.

Се вчитува...