Положани: Одговорноста за поразот е на стручниот штаб, одигравме недозволиво за тим кој сака титула

Тетовска Шкендија доживеа помалку неочекуван пораз, убедливо со 1-3 од Тиквеш, во вчерашното 6. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Нфанли Сила беше херојот на кавадарчани кој успеа трипати да стрела во мрежата на тетовци, на тој начин доведувајќи го тренерот на Шкендија, Артим Положани до итност за сериозна анализа на играта на својот тим во наредниот период.

„Она што можеби требаше да ни се случи со Силекс, ни се случи на мечот со Тиквеш. Едноставно направивме премногу грешки во додавањата, а тоа е недозволиво за тим кој сака да биде шампион“ – рече Положани по мечот, притоа преземајќи ја одговорноста за поразот на стручниот штаб.

„Но, секако одговорноста е на стручниот штаб. Во однос на оние тактички и технички задачи бевме лоши. А, тоа значи дека дефинитивно, повторувам уште еднаш, тоа е одговорност на стручниот штаб“.

Што се однесува до противникот…

„Знаевме дека Тиквеш ќе игра со позитивни транзиции. А ние бевме со бескрајни грешки, без соодветни маневри, со изгубени дуели, мислам дека целосно заслуживме да бидеме поразени. Сега, дали е тоа позитивно? Не мислам дека е позитивно бидејќи имавме серија победи, а тој победнички менталитет што го споменав неколку пати мораше да продолжи и денес. Но, за жал загубивме, и ќе треба брзо да се вратиме од сето ова“ – рече Положани.

Се вчитува...