Артим Положани не го криеше разочарувањето откако Шкендија освои само еден бод на гостувањето со Арсими (2-2), и тоа во натпревар во кој тетовци имаа 2-0, целосна контрола, но на крајот сепак не успеаја да стигнат до цел плен.
Пресудна беше катастрофалната игра во одбраната, на првиот гол на Арсими му претходеше слаба голманска интервенција, а на вториот загубена топка на тетовци во сопствениот шеснаесетник.
„Начинот на кој примаме голови е недозволив. Се обидуваме да играме низ посед од последната линија, но мораме да научиме тоа да го правиме смирено, не како што беше случај со вториот гол на Арсими. Друга работа е што не ги користиме шансите што ги создаваме. Кога играш низ посед, го извлекуваш противникот, создаваш шанса и не ја користиш, тогаш си го компликуваш животот. Да не заборавиме дека при 0-2 ние имавме стопроцентен зицер преку Нзенгуе“, вели Положани.
Тој се наврати и на првиот гол на противникот, кога играч на Шкендија лежеше на теренот, тетовци дојдоа до топката, но наместо да ја исфрлат во аут буквално му ја подарија на домаќинот по што следеше и голманската грешка и погодокот на Арсими, буквално во последните секунди од првото полувреме.
„Тоа беше огромна наивност… имаме играч што лежи и се што требаше е да ја шутнеме топката надвор од теренот. Не ми се допадна што искусен фудбалер ја направи грешката, а кога тоа се случува секогаш доаѓа и казната“, истакнува тренерот на тетовци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
