Македонскиот фудбалски прволигаш Шкендија не успеа да ја мине третата пречка летово во квалификациите на Конференциската лига на УЕФА, откако вечерва на домашен терен одигра без голови 0-0 против шкотски Хибернијан и со тоа не успеа да ја анулира негативата од 2-1 од првиот натпревар.
По натпреварот свое видување даде тренерот на тетовци, Артим Положани…
„Сметам дека одигравме подобро во вториот дел со влегувањето на Красниќи. Мислам дека заслуживме повеќе во тие 90 минути на гости, бидејќи примивме гол од корнер во Шкотска, а денеска дадовме 100 отсто, но едноставно не беше доволно. Да дадевме еден гол ќе беше мноогу полесно, но едноставно тоа е фудбалот. Вчера на последниот тренинг се повреди Ѓоргиевски и нашиот план се расипа. Таа повреда ја промени подготовката за овој меч. Задоволен сум од тоа што го прикажа мојата екипа, но некогаш фудбалот не го дава тоа што го заслужуваш“, вели Положани.
Тренерот на тетовци не го криеше своето разочарување со елиминацијата во 3. квалификациско коло во Лигата на конференции, затоа што, според него, целта била пласман во плеј-офот.
„Разочарани сме дека наша цел беше да се пласираме во плејофот. Тој втор гол кој го примивме на првиот меч се покажа одлучувачки. Сега тимот ќе го сврти целото внимание кон домашниот шампионат и сакаме да ја освоиме лигата бидејќи знаеме што носи тоа, а тоа носи простор за грешка бидејќи со еден пораз не си елиминиран. Теренот не беше во најдобра состојба, но тоа влијаеше и на двата тима“, изјави Положани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
