Полска ќе ја брани круната против Бразил во финалето на СП во одбојка

Актуелниот светски првак Полска во фантастичен меч ја совлада селекцијата на САД со 3-2 во сетови и обезбеди пласман во финалето на Светското првенство во одбојка, каде ќе се обиде да ја одбрани круната против Бразил. Американците имаа водство од 2-1 во сетови, но Полска се разигра кога беше најпотребно, го доби четвртиот сет, а потоа фуриозно продолжи и кон финалето, во петтиот решавачки сет.

Полјаците го добија воведниот сегмент со 25-22, а потоа дојде период во кој американските одбојкари беа доминантни. Израмнија на 1-1 освојувајќи го вториот сет со 25-20, а тесно го добија и третиот со 25-23.

Но, потоа Полска се издигна и одигра феноменално. Во четвртиот сет ја имаше доминацијата, финишот го доби и убедливо, со 25-20, и зема залет за решавачкиот сет.

Приемот функционираше беспрекорно, Курек беше на врвно ниво во нападот, и Полска обезбеди предност од 8-3. Беше тоа невозможна мисија за одбојкарите на САД. Се доближија до 11-9, но тоа беше се, затоа што Полјаците славеа со 15-11.

Полска ќе го игра четвртото финале на светските првенства, а САД ќе вкрсти со Србија во мечот за бронзениот медал.

Се вчитува...