Шпанија е првиот финалист на Светското првенство во Кина, откако во полуфиналниот дуел по две продолженија ја совлада Австралија со 95-88.
Натпреварот почна израмнето, а најголемата предност која ја имаше една од екипите беше таа на Шпанците во 4. минута кога поведоа со плус пет (11-6). Сепак, Австралијците брзо се вратија, а во еден момент и поведоа (17-19). Со тројката на Љуљ со звукот на сирената, Шпанците по првата четвртина заминаа со минимална предност (22-21).
Вториот период Австралијците одлично го почнаа во фазата на одбрана, недозволувајќи има на Шпанците кош во првите четири минути, по кои дојдоа до за нив во тој момент највисока предност од плус пет (22-27). Скариоло побара тајм-аут, но беше залуден бидејќи продолжи одличната игра на „кенгурите“ кои во 16. минута стигнаа и до плус осум (24-32). Иако Шпанците ги консолидираа редовите, сепак до крајот на полувремето Австралија успеа да ја задржи предноста и на пауза да замине со позитива од (32-37).
Одличната игра на Австралијците продолжи и во третата четвртина во која во 36. минута стигнаа и до најголемите плус единаесет (39-50). До крајот на третиот дел искусните Шпанци без многу убавина, но со агресивна и цврста одбрана до крајот на четвртината го намалија резултатот на минус четири (51-55).
Последната четвртина беше израмнета, а со поените на Љуљ на три минути до крајот натпреварот влезе во неизвесна завршница (65-67). Следуваа три погодени слободни на Пети Милс, па два реализирани напади на Шпанците кои на минута до крајот дојдоа на минус еден (69-70). Следуваше по еден нереализиран напад на двете страни, а на 28 секунди до крајот на мечот Шпанија имаше напад за победа, а по промашувањето на Љуљ, Марк Гасол доби две слободни, кои успеа да ги реализира и Шпанија да дојде до водство од еден поен (72-71), на 8 секунди до крајот на мечот. На пет секунди до крајот на мечот, Милс доби две слободни фрлиња, од кои успеа само едно да реализира (72-72). На секунда до крајот за Рики Рубио за малку не успеа да погоди од центарот за победа, а натпреварот замина во продолженија.
Неверојатната кошарка продолжи и во продолженијата. Шпанците отворија со пет поени на Гасол, а Австралијците возвратија со иста мера и по две минути игра резултатот повторно беше израмнет (76-76). Следуваа уште по два поени на двете страни (78-78), а мечот влезе во неизвесна завршница во која двата тима не можеа ништо да погодат. На 14. секунди до крајот на мечот Пети Милс повторно застана на линијата за слободни фрлања, а овојпат беше прецизен носејќи водство за Австралијците на (78-80). Последниот напад за Шпанија донесе нови две слободни фрлиња кои Марк Гасол успеа да ги реализира (80-80) и да го однесе мечот во нови продолженија.
Во вториот продолжеток играа само Шпанците, Гасол беше одличен под кош, Рубио ги разигруваше сите, а Љуљ погодуваше за тројка, доаѓајќи на огромни плус осум на две минути до крајот (93-85). До крајот рутински го приведоа мечот до самиот крај за конечна победа од 95-88.
Марк Гасол со 33 поени беше прво име кај Шпанците, додека Рубио уфрли 19, надополнети со 12 асистенции и 7 скока. Кај Австралијците повторно најрасположен беше Пети Милс со 32 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА