ПОЛУВРЕМЕ: Брз ракомет и минимално водство против Јапонија

Македонската ракометна репрезентација има минимално водство од 17-16 по првото полувреме од натпреварот со Јапонија што се игра попладнево во Куманово како дел од подготовките за ЕП 2026 во Данска. Нашите ракометари за ривал имаат селекција што игра исклучително брз ракомет, за кој избраниците на Лазаров имаат одговор и на одмор заслужено имаат минимално водство.

Македонија го почна мечот со Томовски на голот, Ивановски, Серафимов и Кузмановски на бековските позиции, Костески и Џонов ка крила и Стојковиќ како стартен пивот. Првиот напад умешно го реализиравме преку Серафимов, но гостите возвратија и на истекот од третата минута поведоа со 1-2. Се играше брзо и на двете страни, македонските ракометари добро се снајдоа во овој ритам, па на почетокот од 10. минута поведоа со 6-4 со голот од контранапад на Ненад Костески.

Томовски имаше две одлични интервенции во низа, а навивачите имаа причина за уживање по маестралниот цепелин Џонов – Костески за 9-7 во 15. минута од мечот. Сепак, токму во овој гол Јапонците влегоа во мини-серија, за две минути поведувајќи со 9-10. Јапонија стигна и до „плус два“, по што селекторот Лазаров побара тајмаут, но гостите продолжија да ја казнуваат секоја наша грешка и во 22. минута од контранапад поведоа со 10-13.

Пешевски со мајсторски гол со лева рака ја прекина мини-серијата на противникот, одбраната конечно профункционира, па со головите на Николов и на Аларов следеше експресно израмнување, по што јапонскиот селектор мораше да побара тајмаут при 13-13 (24. минута). Македонија влезе во налет, па набрзина дојде до предност од 15-13 на пет минути до крајот на полувремето. Кузмановски не реализираше пенал при 16-15, но на крајот на одмор заминуваме со минимално водство од 17-16 по маестралната двојна одбрана на Мартин Томовски.

Се вчитува...