Македонската репрезентација има предност од минималннни 40-42 по првото полувреме од гостувањето против Ирска, меч на кој дефинитивно се очекуваше многу подобра игра од нашите кошаркари од она што го покажаа во првите 15 минути. Во неколку ситуации имавме и двоцифрена негатива, но за среќа се разбудивме, почнавме да играме онака како што треба и го свртевме резултатот во наша полза, на одмор заминувајќи со „плус два“.
Селекторот Илиевски направи лош избор на првата петорка, без класичен плејмејкер со Војдан Стојановски на „единица“, заедно со Мекиќ, Гуроски, Јакимовски и со Вајли. Ирците подобро го отворија мечот и набрзина поведоа со 8-0, а првите поени за Македонија ги постигна Јакимовски, по украдена топка во 3. Минута за 8-2. Кризата во нашата игра продолжи, па при 12-4 Илиевски мораше да побара тајмаут. Јакимовски повторно беше наш главен адут, постигнувајќи девет поени во првите шест минути и враќајќи ја Македонија во мечот (18-14). При 18-16 не погодивме тројка за прво водство, по што Ирците пак направија мини-серија и поведоа со 23-16. Скок-играта ни беше катастрофална во првата четвртина, па овој период го загубивме со 27-20 по положувањето на Магдевски, кој спречи уште поголема негатива во завршницата од овој период.
Проблемите продолжија и во втората четвртина, во која две и пол минути не постигнавме кош, а Ирците стигнаа до првото двоцифрено водство (31-20). Нивната серија со тројка ја прекиа Лејсон Зеќири, скокот повторно ни создаваше големи проблеми, но штом ја средивме одбраната следеше и наша серија, со тројката на Вајли намаливме на 35-32, принудувајќи го домашниот селекто да побара тајмаут. Во 19. Минута преку Зеќири успеавме да израмниме на 37-37, а десетина секунди подоцна со тројката на Стојан Ѓуроски и да стигнеме до првото водство на мечот (37-40).Промашивме и тројка за „плус шест“, Ирците погодија на спротивната страна за 40-40, пред Магдевски да реализира по офанзивен скок и да ја одведе Македонија со предност на паузата.
Јакимовски е прв стрелец во нашиот табор со 14 поени, пред Магдевски со шест и Вајли, Мекиќ и Зеќири со по пет поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

