Македонија е на добар пат со убедлива победа да го стартува претквалификацискиот циклус за Евробаскет 2029, по одличното прво полувреме што нашата селекција го игра против Азербејџан. Разликата во квалитет е очигледна, па нашите кошаркари имаат 40-21, демонстрирајќи надмоќ во сите аспекти на овој дуел.
Почетната минута миа во знакот на Андреј Јакимовски кој набрзина постигна пет поени, а дуелот беше израмнет до 5-5, по што Македонија презеде контрола над резултатот. Војдан Стојановски влезе во ритам и со шест поени во низа донесе водство од 15-8, но гостите со серија слободни фрлања намалија на 15-13. Јакимовски влезе во нова серија, Магдевски во 9. минута изнуди неспортска лична грешка, по штто поведовме со 20-13, резултат при кој промашивме две тројки за „плус десет“. Првата четвртина на крајот ја завршивме со 22-13, по поените на Зеќири на асистенција на Мур.
Инсистирањето на шут од далечина конечно вроди со плод во 13. минута, кога со тројката на Мекиќ стигнавме до првото двоцифрено водство на мечот (25-15). Гостинскиот селектор побара тајмаут при водство на Македонија од 29-15, но Македонија продолжи со доминацијата, поведувајќи со 33-15. По тројката на Ван Бек за 33-18 селекторот Илиевски побара тајмаут, следеше уште една тројка на гостите за 33-21, по што завршните две минути минаа во знакот нан нашите кошаркари, на одмор заминувајќи со убедливи 40-21.
Андреј Јакимовски е прво име со 13 поени и 6 скокови, а одличен е и капитенот Војдан Стојановски со 10 поени и 7 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

