Помошникот ќе го наследи Амброс Мартин на клупата на Ѓер

Габор Дањи, досегашниот помошник на Амрос Мартин, ќе биде прв тренер на Ѓер по заминувањето на Шпанецот на крајот на сезоната. Актуелниот европски шампион денеска го официјализира новиот стручен штаб што ќе го предводи тимот од наредната сезона.

За мене е голема чест што добив можност да го водам најдобриот женски ракометен клуб во светот. Со нетрпение го очекувам првиот тренинг кога ќе излезам пред девојките како главен тренер. Сепак, би истакнал дека сега сме пред најважниот период од сезоната и мора да се концентрураме и да ја насочиме целата енергија на остварување на важните цели што се пред нас, а дури потоа да правиме планови за следната сезона“ – изјави Дањи на денешната промоција.

Асистент на Дањи на клупата на Ѓер ќе му биде многу попознато ракометно име, хрватскиот тренер Здравко Зовко.

Што се однесува до проблемите со повредите со кои се соочува унгарскиот тим пред завршницата на сезоната, од Ѓер информираа дека повредата на средниот бек Стине Офтедал не е од посериозна природа и дака Норвежанката ќе има пауза од две седмици, а потоа ќе биде подготвена да се врати на терен и Ѓер ќе ја има на располагање за завршниот дел во Лигата на шампионите.

Се вчитува...