Дејан Ловрен би можел на крајот од сезонава да си замине од Ливерпул, откако три италијански прволигаши покажаа интерес да го доведат хрватскиот дефанзивец во своите редови. Рома, Милан и Наполи се во потрага по нови играчи за одбранбената линија, а асот на Ливерпул се наоѓа на листата со желби на трите клуба, кои на почетокот од летото ќе испратат и официјални понуди.
Рома се подготвува за продажба на Манолас, а Ловрен би бил идеална замена за „римската волчица“. Милан во 29-годишниот Хрват гледа играч кој би можел да донесе искуство во дефанзивната линија, додека за „наполитанците“ Ловрен е сериозна опција доколку Кулибали си замине од овој клуб.
Самиот фудбалер исто така размислува за заминување откако на стартот од сезонава го загуби првотимскиот статус од Џо Гомез, а сега не добива предност ниту пред Матип, што е доволно предупредување дека Клоп не смета сериозно на неговите услуги. Ливерпул би се задоволил со отштета од 20 милиони евра, но проблем може да претставува платата од 100.000 фунти неделна што е превисока за заинтересираните италијански клубови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА