Попов пред Португалија: Не би менувал ништо во составот, оние кои играа со Италија имаат самодоверба

Македонија вечерва од 20:45 часот го игра најважниот натпревар во историјата. Фудбалерите против Португалија се борат за историски пласман на Мундијал.

Екс репрезентативецот Горан Попов за ЕКИПА направи анализа со неколку можни сценарија за вечерашниот натпревар на „Драгао“. Според Попов, не треба ништо да се менува во почетниот составот, бидејќи тие што играле во Палермо сега имаат уште поголема самодоверба.

„Оваа репрезентација има квалитет и тоа го покажа, и она што е најважно сите играат во сите клубови. Пред Италија реков дека Македонија ќе изненади, и ќе биде многу тесен резултати и на крај може да се случи да ги фатиме и на контра, и така и беше. Оптимист сум пред Португалија. Знаат и тие со кој си имаат работа, добро сме анализирани, и ние ги анализиравме. Сметам дека играчите се одморени, и не би сакал да се мешам во тактиката на селекторот, но јас би ги играл истите како против Италија. Не би менувал ништо, затоа што тие што играа таму сега имаат уште поголема самодоверба и тоа може да биде добро за вечерва“, рече Попов.

Тој вели дека најважно е да се издржат првите налети на Португалците.

„Португалија не е Италија, поконкретни се. Италија имаше многу удари кон гол, и мислам дека ако упатеа повеќе шутеви во рамките на гол, ќе ни дадеа гол. Добро ќе биде да не примиме брзо гол. Ако издржиме првите 20 минути, дури и едно полувреме, тогаш мислам дека ќе се бориме до крај. Доколку биде нерешено или водиме по првиот дел, сметам дека имаме големи шанси. Во случај да дојде до пенали, тогаш верувам дека Столе Димитриевски ќе биде нашиот херој затоа што верувам во него дека ќе успее да не однесе на Мундијал“, вели Попов.

Се вчитува...