Порака до хејтерите: Колку е само тешко да си „Анти-мадридиста“

Реал Мадрид слави нов фантастичен успех, откако „кралевите“ во супердраматична завршница го елиминираа Манчестер Сити и се пласираа во големото финале од Лигата на Шампионите, во кое на 28 мај во Париз за ривал ќе го имаат Ливерпул.

„Кралевите“ и претходно стигнувале и победувале во финалиња, но овогодинешниот успех е еден од најголемите, со оглед на фактот дека на патот до него ги елиминираа дрим-тимот на ПСЖ, актуелниот европски првак Челси и вечерва големиот фаворит Сити, со два гола во судиското продолжение и погодок од пенал во продолженијата од двапати по 15 минути.

„Колку е само тешко да си Анти-мадридиста“, гласи насловот на мадридскиот весник „Марка“, како јасна порака до сите оние кои предвреме го отпишаа Реал во ова полуфинале, како и пред претходните рунди.

„Ова дефинитивно е една од најлудите ноќи во историјата на Мадрид. Да, најлудата. Да се влезе во финалето од ЛШ со два гола во 92. и во 93. минута? Оваа генерација директно си обезбеди место во историјата на Реал Мадрид. Во времето на пресвртот на теренот ги немаше ниту Кашемиро, ниту Крос, ниту пак Модриќ, кој играше одличен меч“, пишува „Марка“.

Мадридските новинари не ја искористија и можност да го „пецнат“ каталонскиот стратег Пеп Гвардиола.

„Реал Мадрид го казни Пеп Гвардиола и неговата тактика. Цели 90 минути тие играа за да го потрошат времето, се гледаше дека одлично го имаат истренирано тоа. На крајот, платија за таквиот пристап“.

Се вчитува...