Поранешната „вардарка“ Лејно го предводи дрим-тимот на ЛШ

Амандин Лејно е најдобра голманка во дрим-тимот на најдобри ракометарки во Лигата на шампионите за сезоната 2017/18. Во гласањето традиционално учествуваат тренерите на екипите од европската елита, а Лејно собра најмногу гласови од сите чувари на мрежата, седум, пред Кари Гримзбо од Ѓер со четири.

Полина Кузнецова од Ростов е избрана за најдобро лево крило, а признанието за лев бек број 1 замина во рацете на Едуарда Аморим, која собра повеќе гласови од Кристина Неагу. Стине Офтедал е изборот за најдобар среден бек, додека најдобро десно крило е Манагарова од Ростов со шест гласа, еден повеќе од Црногорката Јованка Радичевиќ.

Поранешната „вардарка“ Драгана Цвијиќ го подели признанието за најдобар пивот со Ивет Брох од Ѓер, двете освојувајќи по четири гласа.

Амброш Мартин по европската круна со Ѓер заслужено се закити со наградата за најдобар тренер, во која ниту еден глас не беше доделен на Ирина Дибирова, иако Русинката седеше на клупата на Вардар во големото финале.

Се вчитува...