Поранешни ракометари на Вардар и на Металург во селекторски тандем ќе ја водат Црна Гора

Зоран Рогановиќ и Драшко Мрваљевиќ во тандем ќе ја предводат машката ракометна репрезентација на Црна Гора во квалификациите за ЕП 2020. Поранешните црногорски репрезентативци на клупата на Црна Гора ќе го наследат Драган Ѓукиќ кој е сменет по неуспехот на Црногорците на ЕП во Хрватска и потоа во баражот за СП 2019.

Ракометната федерација на Црна Гора се реши да го следи примерот на Шведска и на Чешка со поставување на поранешни репрезентативци во селекторски двоец на клупата.

Зоран Рогановиќ кој своевремено го носеше дресот на Вардар, тренерската кариера ја почна во шведскиот Лунд каде подолго време настапуваше и како играч.

Драшко Мрваљевиќ е долгогодишен капитен на репрезентацијата на Црна Гора, највпечатлив дел во клупската кариера му беа настапите за бундеслигашите Гепинген и Минден. Во 2012 година Мрваљевиќ беше и во составот на Металург.

Во квалификациите за ЕП 2020, Црна Гора е во групата со Данска, Украина и со Фарски Острови.

Се вчитува...