Поранешните сопственици на Лејкерс го преземаат АСВЕЛ

Семејството Бас, кое речиси пет децении управува со Лос Анџелес лејкерс, преговара за преземање на францускиот клуб АСВЕЛ.

Францускиот медиум „Би-Баскет“  тврди дека двете страни преговараат веќе извесно време и дека договорот би можел да се постигне најдоцна до крајот на 2026 година. Главната точка на преговорите се однесува на висината на обесштетувањето, со оглед на тоа што наводно се разгледува сума меѓу 60 и 80 милиони евра.

Доколку се реализира договорот за АСВЕЛ, тоа би претставувало голем чекор кон конечно стабилизирање на францускиот клуб по бурните изминати неколку недели, во кои тој помина од статус на супер-амбициозен проект до ситуација во која мораше да се откаже од играчи бидејќи не можеше да ги гарантира ветените финансиски средства.

Така, Силвен Франсиско, Даниел Тајс и Армони Брукс дојдоа и си заминаа од клубот во текот на летото…

Инвеститорот со кого АСВЕЛ претходно постигна договор не успеа да обезбеди цврсти финансиски гаранции, што доведе до неповолен развој на ситуацијата за клубот. Наместо планираниот буџет од 59 милиони, клубот од Вилербан ќе располага со 24 милиони за претстојната натпреварувачка сезона.

Сепак, доколку се реализира приказната со семејството Бас, АСВЕЛ би можел повторно да сонува за највисоки дострели во блиска иднина.

Семејството Бас е американска спортска династија, најпозната по управувањето со Лејкерс повеќе од 45 години. Главата на семејството, Џери Бас, ја купи франшизата во 1979 година и ги претвори натпреварите во вистински холивудски спектакл, освојувајќи бројни шампионски титули. По неговата смрт во 2013 година, управувањето го презедоа неговите шест деца, а процесот кулминираше со продажба на мнозинскиот удел на Марк Волтер за рекордни 10 милијарди долари.

Се вчитува...