Пораз, без постигнат гол, од просечната Словенија (ВИДЕО)

ЕКИПА ВО ЉУБЉАНА, 

Никола Станикевски 

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Словенија со 2-0 во натпревар од второто коло од Б-дивизијата од новата сезона во Лигата на нации. И шести натпревар во низа под водство на Гоце Седлоски, Македонија е без постигнат погодок, а вечерва повторно имавме само еден упатен удар во голот на една просечна репрезентација како Словенија, која со ништо не покажа дека има играчки кадар надмоќен над нашиот, а така лесно не победи!

Веќе во втората минута домаќините ја имаа првата шанса, откако кон голот на Димитриевски биеше Випотник, но за наша среќа неговиот удар заврши во пречката на македонскиот гол.

Веднаш возвративме, откако Елези во шестата минута биеше од непосредна близина, но Бијол одлично го блокираше неговиот шут. Следуваше помирен дел од мечот, а по една половина од првото полувреме на семафорот се уште стоеја почетните 0-0.

Словенците втората убава шанса ја имаа во 25. минута кога од 16 метри биеше Карничник, но неговиот удар заврши високо над нашиот гол. Следуваше нова шанса за домаќините преку Випотник, но одличен беше Димитриевски. Елези беше наш најдобар фудбалер, но уште еден негов шут заврши покрај голот на Облак.

До крајот на првиот дел Словенија се закани и преку Випотник во 31. минута. До крајот на првиот дел мируваа мрежите, па на пауза се замина со почетните 0-0.

Уште на стартот на вториот дел Словенците ја имаа најголемата шанса во мечот, откако Штурм биеше во 48. минута кон нашиот гол, но само среќа не спаси од водство на домашната селекција. Казната дојде во 55. минута кога Санди Ловриќ донесе водство од 1-0.

Slovenia [1] – 0 North Macedonia – Sandi Lovric 55'
byu/eliseihado insoccer

Со влегувањето на Енис Барди и Лука Станковски заигравем далеку подобро. Гаштаров и Стојчевски имаа две полушанси во неколку секунди, но нивните удари беа блокирани од дефанзивците на домаќинот. Тргнавме на се или ништо со влегувањето на Миовски на местото на Дин Аломеровиќ. Словенците ова го искористија и со контра напад ја удвоија предноста 0-2 во 82. минута со голот на Аљоша Матко.

Напаѓачот на Струга ТЛ, Христијан Малески ја имаше најголемата шанса за Македонија на мечот, но неговиот удар во 84. минута го скроти Облак.

И тоа беше се од Македонија! Еден шут во рамките на голот на противникот за 90 минути, кој покажа и тоа како дека е ранлив на теренот, но ние без никаква тактичка поставеност не успеавме барем и да постигнеме гол, како за некаква утеха!

Се вчитува...