Пораз и од Австрија за одбојкарите во Сребрената лига

Македонската одбојкарска репрезентација се соочи со вториот неуспех во групната фаза од Сребената Европска лига. Селекцијата на Австрија славеше вечерва во салата „Кале“ со 1-3 во сетови на дуелот од 3.коло од  прелиминарниот сегмент. Со овој пораз, нашата репрезентација и го препушти на Австрија второто  место  на табелата, пласман што нема преголемо значење за Македонија бидејќи како домаќини секако ќе бидеме дел од завршниот турнир.

Драматичниот четврти сет ја донесе победата на Австријците. Гостите овој сет за триумф го освоија со 33-31 откако нашата селекција пропушти осум  сет топки и не успеа да го одведе мечот во петти сет. Австрија ја искористи втората меч топка.

Репрезентацијата на Австрија беше доминантна во воведниот сет, имаше највисоки плус седум веќе во средината од сетот, рутински ја одржуваше предноста и му дозволи на нашиот тим 18 поени.

Нашата репрезентација беше најдобра во вториот сет во кој на почетокот имаше предност од плус два, по што реагираа Австријците со водство исто така од два поени. Следуваше успешна серија од 5-0 на нашиот тим за максималната предност од три поени. Потоа македонскиот состав одржуваше позитива и го доби сетот со 25-22.

Македонскиот тим добро влезе и во третиот сет, брзо поведе со 3-1, но не успеа да се задржи подолго во водство. Репрезентативците на Австрија брзо ја презедоа контролата над резултатот, подолг период одржува четири поени предност, а кон крајот од сетот само ја заголемуваа позитивата до конечните 20-25.

Потоа следуваше неизвесниот четврти сет кој што го реши победникот.

Капитенот Никола Ѓоргиев со 20 поени беше најдобриот поединец во нашиот тим на оваа пресметка.

Македонската репрезентација останува на трите бода освоени во победата над Косово во првото коло. Со нив е на третото место на табелата на која лидер е Летонија со максимални 9 бода, Австрија има 6. Косово е на нула.

В среда почнува вторта половина од групната фаза, а ние отвораме  со гостување кај Австрија.

Се вчитува...