Пораз и од Хрватска: Кадетките го „преспаа“ првото полувреме, па доцна се разбудија

Кадетската репрезентација на Македонија за ракометарки до 18 години го освои 12. место на светскиот шампионат што се одржува во Скопје, откако нашите ракометарки во дуелот за пласман на 11. позиција загубија од Хрватска со резултат 28-32. По добрите резултати во првата фаза и охрабрувачкото реми со Шведска на стартот од главната рунда, нашите ракометарки играат се послабо како што одминува шампионатот, впечаток што не го поправи ниту квалитетното второ полувреме, кое беше недоволно за камбек по очајните први 30 минути со Хрватска.

Падот во формата беше очигледен и на денешниот дуел со „коцкестите“, на кој Македонија одигра катастрофално во првото полувреме. Не функционираше нападот, уште помалку одбраната, па „црвено-жолтите“ по 30 минути игра имаа постигнато двојно помалку голови од противничките (10-20). Вториот дел почна со слично темпо во кое Хрватска набрзина стигна до „плус дванаесет“, за Македонија конечно да се разбуди, да заигра далеку поефикасно во нападот, па на десетина минути до крајот со серија од 10-1 да се спуштиме и на само три гола разлика (23-26).

Сепак, шансите за целосен камбек исчезнаа откако Хрватска ја врати сигурноста во сопствениот напад, противникот реализираше неколку напади во низа, повторно се одлепи резултатски и на крајот заслужено славеше со резултат 28-32.

Ризоска беше најрасположена во македонскиот табор со девет погодоци, шест постигна Дускоска, а пет гола постигна Младеновска.

Се вчитува...