Пораз од Војводина на деби настапот на Алкалоид во Европа

Ракометниот вицешампион на Македонија, Алкалоид со пораз од Војводина на домашен терен од 26-31 го отвори деби настапот во второто по ранг натпреварување на стариот континент, Лигата на Европа. Црни десетина минути во средината на првиот и вториот дел, беа клучни за поразот на нашиот тим.

Откако гостите поведоа со 0-1 во првиот напад, историскиот прв погодок за Алкалоид во европските натпреварувања беше дело на Мартин Серафимов од пенал во 2. минута. Следуваа две технички грешки на скопскиот тим, по кои гостите од Војводина со голот на Воркапиќ првпат стигнаа до плус два (1-3).

По неколкуте грешки во нападот на Младеновиќ, одличната интервенција на Благојче Трајковски со гол ја материјализираше Никола Маркоски кој намали на 2-3 во осмата минута. Трајковски продолжи да доминира на голот па со погодокот на Бинго во 10. минута Алкалоид повторно стигна до израмнување 3-3.

Следуваше суша на домашниот тим која Војводина одлично ја искористи па со петтиот погодок на Воркапиќ за првпат во 14. минута гостите стигнаа до три позитива (3-6). Воркапиќ продолжи да го решета нашиот гол па по неговиот шести гол тимот од Нови Сад во 15. минута стигна до највисоките плус четири (5-9), по кои Кирил Лазаров мораше да го побара својот прв тајм-аут. Ниту минутата пауза не им помогна на домаќините. Следеше нова грешка, а со голот на Милиќ на влезот на 17. минута Војводина стигна и до плус пет (5-10). До крајот на првиот дел македонскиот вицешампион предводен од неверојатниот Џонов успеа да се приближи на само минус два и на пауза да замине со негатива од 13-15.

Феноменалниот од првото полувреме Џонов со промашен пенал го стартуваше вториот дел, а по седум минути игра гостите ја држеа предноста од плус два (16-18). Конечно во 39. минута по долго време и самиот старт на натпреварот „фармацевтите“ успеаја да се приближат на само гол негатива (18-19). Следеше нов пад на избраниците на Кирил Лазаров, па гостите со серија од 5-1 во 45. минута стигнаа повторно до највисоките плус пет (19-24). Војвоѓаните продолжија да го полнат нашиот гол, па две минути подоцна стигнаа до нова највисока предност од плус седум (19-26).

И покрај големата негатива избраниците на Кире Лазаров во ниту еден момент не се предадоа, па успеаја натпреварот да го внесат во неизвесна завршница откако на пет минути до крајот дојдоа на само минус два (25-27). По тајмаутот следеше гол на Воркапиќ, а по промашениот нов пенал на Серафимов надежите за целосен пресврт беа сведени на минимум. До крајот исксусните Срби успеаја да го исконтролираат мечот и да стигнат до конечен триумф од 26-31.

Иван Џонов беше единствен вистински расположен во нашиот тим со осум постигнати гола, а солидни беа и Бинго и Митев со по пет гола. Кај победникот Вукашин Воркапиќ заврши со осум погодоци.

Се вчитува...