Португалија со реми во Италија до Ф4 во Лигата на Нации

Португалија на едно коло до крајот го осигура првото место во групата А3, обезбедувајќи учество на завршниот турнир од Лигата на Нации. Актуелниот европски шампион вечерва ремизираше 0-0 на гостувањето против Италија, бод сосема доволен за Португалците секако да завршат на првата позиција, без оглед на исходот од нивниот последен меч против Полска. „Аѕурите“ имаат за што да жалат ако се земе во предвид доминацијата во првото полувреме и двете промашени шанси на Имобиле, но Португалија со прикажаното во изминатите три месеци дефинитивно го заслужи врвот на табелата во оваа група.

Шкотска премногу лесно и убедливо на гостински терен ја совлада Албанија со 0-4. Фрејзер постигна гол за водство на Шкотите, по што Албанија остана со играч помалку по црвениот картон на Маврај во 23. минута. Гостинскиот состав потоа знаеше како да ја искористи предноста од играч повеќе и стигна до убедлива победа, па во последното коло на домашен терен против Израел ќе решава за првото место во групата.

Романија славеше пред своите гледачи против Литванија со 3-0, благодарение на головите на Пушаш, Кесеру и на Станчиу. Со овие три бода Романците си ги задржуваат минималните шанси за освојување на првото место во својата група, но за такво нешто ќе им треба чудо – пораз на Србија во последното коло на домашен терен од аутсајдерот Литванија, а победа на Романија на гостувањето против Црна Гора.

Се вчитува...