Португалците се препотија, но ја решија Унгарија

Португалија многу потешко од очекувањата стигна до првата победа на ЕВРО 2020, откако бранителот на трофејот дури во 84. минута го скрши отпорот на Унгарија, совладувајќи го аутсајдерот во „групата на смртта“ со 0-3. Унгарците настапија пред преполни трибини со над 60.000 фанови во Будимпешта, кои им дадоа сили на домаќините долго да парираат на фаворитот. Сепак, искуството и квалитетот пресудија за европскиот шампион да стигне и до убедлива победа.

Жота ја имаше првата шанса во 4. минута, но напаѓачот на Ливерпул беше непрецизен, истовремено и себичен бидејќи не го проигра Роналдо, кој се наоѓаше во одлична позиција на самиот почеток од мечот. Повторно Жота имаше шанса и по триесетина минути игра, Гулаши тогаш успеа да одбрани, а пред крајот на полувремето извонредна можност му се укажа на Роналдо, кој од пет метри се посрамоти шутирајќи високо над голот.

Иако се очекуваше португалската доминација да продолжи, Унгарија се полесно одолеваше на налетите на фаворитот. Домаќините дури успеаја да постигнат и гол, но истиот беше оправдано поништен поради офсајд. Класата на Португалија сепак пресуди во финишот, Гереиро одлично се снајде и со прецизен удар го отвори резултатот, а потоа на сцена стапи Роналдо, кој со двата постигнати гола стана најдобар стрелец во историјата на европските шампионати, постигнувајќи вкупно 11 погодоци на континенталните собири во својата кариера.

Се вчитува...