Порзингис: Едвај чекам да заиграм крај Дончиќ

Кристапс Порзингис кариерата ја продолжува во Далас маверикс, откако летонскиот ас беше дел од големата размена што Далас ја направи со раководството на Њујорк никс. Челниците на Далас на овој начин создадоа моќно европско трио, Новицки – Дончиќ – Порзингис, а Летонецот не крие дека е мотивиран час поскоро да заигра крај словенечкото чудо од дете. Тој се уште се рехабилитира од тешката повреда на коленото заработена минатата сезона, но информациите од САД говорат дека Порзингис ќе биде подготвен за настап во финишот од оваа сезона.

„Јас и Лука заедно почнувавме во Шпанија и таму ја имавме првата меѓусебна средба. Веднаш се зближивме, бевме во контакт и пред овој трансфер. Едвај чекам да заиграм крај него во дресот на Далас“ – истакна Порзингис на својата промоција во новиот клуб.

Договорот што го има Летонецот истекува на крајот од сезонава, но во Далас се убедени дека ќе успеат да договорат продолжување на соработката.

„Наша цел е да ги имаме Порзингис и Дончиќ заедно во тимот уште дваесет години“ – оптимистички изјави газдата Марк Кјубан, потврдувајќи дека е подготвен да му понуди на Летонецот нов договор во вкупна предност од над 100 милиони долари.

Се вчитува...