Последни тестови пред Купот – Куманово го пречекува Вардар, МЗТ Скопје гостува во Струга

На турболентанта сезона во Првата лига ѝ се ближи крајот, а денеска и конечно ќе бидат одиграни последните натпревари од регуларниот дел од сезоната во кои Куманово ќе го пречека Вардар, додека МЗТ Скопје гостува кај Црн Дрим.

Првиот натпревар ќе биде одигран со „Перо Наков“ со почеток од 13 часот и 30 минути, дуел во кој Куманово ќе се обиде да стигне до шестата позиција на табелата. „Сино-белите“ на овој натпревар влегуваат на крилјата на победата против МЗТ Скопје во претходното коло па јасно е дека избраниците на Ѓорѓиевски се фаворити за нови два бода. За разлика од нив, Вардар ќе се обиде да ја прекине серијата од шест порази во низа пред одлучувачките натпревари во борбата за опстанок.

Натпреварот во Струга е со почеток од 17 часот и е од големо значење за скопскиот тим кој ќе се обиде да се избори за третата позиција на табелата. Аеродромци воедно бараат и рехабилитација од поразот на домашен терен од Куманово пред Куп натпреварите кои се закажани за следната недела, но на избраниците на Радуловиќ нема да им биде лесно против „новиот“ Црн Дрим кој докажа дека со новите засилувања може да се носи со екипите од горниот дел на табелата.

Интересно е тоа што доколку Куманово и МЗТ Скопје слават на овие две средби токму овој пар ќе се најде во четвртфиналето од разигрувањето за титула. Пораз на Куманово значи четвртфинална средба со Работнички, додека „кикс“ на МЗТ Скопје ќе донесе четврта позиција на табелата и двобој против тимот на Гостивар.

Се вчитува...