Последно преупредување од ФИФА – Гана и Нигерија пред исклучување од сите натпреварувања

Светската фудбалска федерација (ФИФА), на Нигерија и на Гана им испрати последно предупредување пред да бидат исклучени од сите меѓународни натпреварувања поради мешање на политиката во спортот.

ФИФА соопшти дека Фудбалската федерација на Нигерија до понеделник мора да биде вратена на легитимно избраното раководство.

Една група на луѓе кои тврдат дека со одлука на судот се задолжени за нигерискиот фудбал, минатиот месец ја презеде зградата на Федерација додека претседателот Амају Пиник бил на СП во Русија. Ако Пиник не се врати на функцијата, репрезентацијата на Нигерија нема да може да настапи на меѓународните натпреварувања. Исклучок е женската селекција до 20 години која веќе учествува на турнир во Франција.

Во ризична ситуација се наоѓа и Гана. Од ФИФА на Гана и е даден рок до 27 август да го стопира судскиот налог за распуштање на националната фудбалска федерација. Владата на Гана ја распушти Фудбалската федерација на оваа земја поради „распространета корупција“, но ФИФА не го дозволува тоа.

Документираните докази покажуваат дека претседателот на Фудбалската федерација на Гана и член на Советот на ФИФА, Квеси Њентаки прифатил 65 илјади долари од новинар. Тој поднесе оставка, а ФИФА привремено го суспендира.

Се вчитува...