Потоп и од Шведска: Кошаркарките загубија со 70 поени разлика

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија продолжува со катастрофалниот настап во квалификациите за Евробаскет 2019. Не станува збор за тоа што денеска од Шведска (48-118) го претрпевме петтиот пораз во низа, туку што трите последни неуспеси се изразени со најмалку 60 поени негатива (93-33 од Италија и 47-108 на домашен терен од Хрватска), за вечерва оваа разлика да порасне на уште поголеми 70 поени.

Факт е дека изборот на кошакарки беше ограничен со повредите на дел од клучните игрчи, но тоа никако не смее да претставува изговор за новото очајно издание. Проблемот да се пренесе топката преку половина беше очигледен од самиот почеток, Македонија само во првото полувреме имаше 22 загубени топки, а гостинките заминаа на одмор со преубедлива предност од 20-64. Како што минуваше времето, така и негативата на нашиот состав се зголемуваше, се до конечните „минус 70“.

Јасно е, едвај се чека овој циклус да се заврши, преостанува само уште гостувањето во Хрватска, но прашањето е што потоа…

Се вчитува...