ПОТОП од Естонија, Македонија е на работ на амбисот

Македонија се наоѓа на работ на амбисот од европската кошарка откако нашиот национален тим претрпе пораз на домашен терен од Естонија со резултат 76-80. По двата порази во низа, сега на нашите кошаркари за место во следната квалификациска рунда ќе им биде потребна победа над Косово над четири поени, но и триумф на Естонија во Приштина во последното коло, меч што реално ќе нема никакво значење за оваа селекција. „Црвено-жолтите“ одиграа квалитетно само десет минути, се останати беше под нивото што се очекува од националниот тим, па Естонците благодарение на одличниот шут од далечина го добија овој меч.

За разлика од мечот против Косово овојпат стартувавме со Кире Николоски како центар и Александар Котоски на плејмејкер, заедно со Војдан Стојановски, Џордан Теодор и Ѓорѓи Чековски. Нашата игра на стартот функционираше беспрекорно, пред се благодарение на одличниот Војдан Стојановски, кој во првата четвртина постигна дури 13 поени. Со одличен напад за една четвртина стигнавме до 29 поени, за водство од убедливи 29-17, но Естонците неочекувано се вратија благодарение на беспрекорниот шут од далечина. По нашето водство од 31-19 имаше неспортска лична грешка од Ѓуроски по која противникот влезе во серија, набрзина ја истопи нашата предност, па дури и поведе со 40-43 со тројката на Кангур. На одмор се замина со резултат 42-43, пред се поради неверојатната серија на погодени тројки на Естонците.

mak-est 05.08 (7)

Јасно беше дека Естонија не може да продолжи да погодува во ист ритам, заигравме подобро во одбраната и повторно го презедовме водството, но при 49-45 за Македонија следеше уште една неспортска лична грешка за нашите кошаркари, овојпат за Тасовски. При 51-50 судиите го израмнија критериумот, па досудија намерна лична грешка и на Пасоја, за стартот во рекетот врз Чековски. Војдан Стојановски беше единствениот расположен за игра во нашите редови, но Естонија во меѓувреме погоди две тројки и повторно поведе со 55-56. Продолжија проблемите со слободните фрлања, па откако Чековски промаши четири „пенали“ во серија (13/25 на Македонија по три четвртини), во последните десет минути се влезе со предност на гостите од 61-63.

Естонците на стартот од подледната четвртина се одлепија на 63-68, но Костоски со тројка ја приближи Македонија на „минус два“. Судиите наметнаа чуден критериум, па по неколкуте грешки следеше и техничка грешка за селекторот Давитков, при водство на Естонија од 66-70. Проблемите со неефикасноста продолжија, па откако гостите поведоа со 66-73 Давитков побара тајмаут во обид да ги консолидира редовите во националниот тим. Влегувањето на Стајиќ донесе енергија, младиот бек украде топка и положи за 72-75, за веднаш потоа да изнуди уште една загубена топка од гостинските играчи.

mak-est 05.08 (9)

Чековски беше еднаш прецизен од двете слободни фрлања, но следеше тројка на Естонија, за потоа Тасовски да промаши положување, па и да направи лична грешка што судиите ја окарактеризираа како намерна. Сите дилеми околу победникот беа разрешени, па до крајот успеавме само да намалиме на четири поени разлика, за конечни 76-80.

Војдан Стојановски со 26 поени беше најефикасен во нашите редови, Џордан Теодор постигна тринаесет, но со слаб шут од поле (4/12), а Тасовски и Чековски беа стрелци на по девет поени.

Се вчитува...