Загрепски Динамо се врати на врвот на хрватскиот фудбал со освојување на титулата во лигата, што претставува многу повеќе од само спортска победа. Тоа е круна на длабока клупска, техничка и идентитетска реконструкција, пишува италијанскиот портал „Тутомеркато“.
По години нестабилност и флуктуирачки резултати, пресвртот го донесе враќањето на иконата на клубот, Звонимир Бобан, кој иницираше вистинско обновување на клубот.
Неговиот проект се базираше на целосна револуција што вклучуваше промени во раководството, избор на ново техничко раководство и масовна реконструкција на играчкиот кадар со повеќе од 30 пристигнувања и заминувања. Клубот доби ново лице, во кое не се важни само резултатите!
Изборот на Ковачевиќ за тренер првично предизвика поделени мислења, но со текот на времето се покажа како клучен потег. Ковачевиќ изгради млад, физички силен и динамичен тим, способен да игра привлечно, но и да биде прагматичен кога е потребно.
Иако во текот на сезоната имаше моменти на криза проследени со критики однадвор и одвнатре, тимот покажа единство и карактер во најчувствителните ситуации.
Развојот на млади играчи како Лука Стојковиќ и експлозијата намладите напаѓачи го претворија потенцијалот во конкретни резултати. Динамо на тој начин постигна долга серија позитивни резултати, што му овозможи да се одвои од своите ривали и да ја обезбеди шампионската титула многу пред крајот на првенството.
Стабилноста како основа за иднината
Клучна улога одигра и новата клупска стабилност, со посовремена визија за управување со клубот, структурни инвестиции и стратегија фокусирана на економска одржливост и спортски раст.
Шампионската титула затоа не е само победа на теренот, туку и потврда за успехот на еден сложен проект.
Сега Динамо се соочува со предизвикот да го консолидира овој модел и да го претвори во постојан победнички циклус, не само во Хрватска, туку и во Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

