Потресни детали од судењето: Марадона умирал во големи маки

Судењето за смртта на Марадона продолжи во Аргентина, а новото сведочење на судскиот вештак откри шокантни детали за последните денови од животот на еден од најголемите фудбалери на сите времиња. На рочиштето во Сан Исидро, судскиот лекар Карлос Касинели упати сериозни обвинувања против медицинскиот тим што се грижел за Марадона, тврдејќи дека биле занемарени бројни алармантни симптоми и дека изостанала навремена реакција од лекарите.

Од средината на април, седум здравствени работници се соочуваат со судски процес под сомнение дека со своите постапки или пропусти придонеле за смртта на славниот Аргентинец. Марадона почина во ноември 2020 година, само две недели по операцијата на мозокот. Непосредни причини за смртта биле срцев застој и акутен белодробен едем, односно сериозна состојба на акумулирање течност во белите дробови.

Касинели сведочеше пред судот како член на специјална медицинска комисија која ја анализирала медицинската документација и изјавите на сведоците. Според неговите наводи, во деновите пред смртта, Марадона покажал неколку симптоми кои, според неговата процена, морале да се сфатат како сериозно предупредување.

Меѓу нив биле отоци на нозете и прстите, отежнато и неправилно дишење, висок крвен притисок и многу забрзана работа на срцето.

„Таа состојба претставуваше директен ризик по животот“, изјави Касинели, тврдејќи дека ниту еден од лекарите соодветно не ја испитал причината за отоците, ниту пак ја променил терапијата или презел неопходни мерки поради новите симптоми.

Посебно прашање на судењето е одлуката Марадона да биде испратен дома на лекување по операцијата на мозокот. Според наодите на кои се повика вештакот, неговата здравствена состојба потоа постепено се влошувала, но изостанала соодветна реакција од медицинскиот тим сe до фаталниот исход.

Сепак, најпотресниот дел од сведочењето се однесуваше на самиот крај од животот на Марадона.

Според реконструкцијата на медицинските експерти, легендарниот фудбалер минувал низ тешка агонија и сериозни страдања во текот на последните 12 часа од животот. Како што беше наведено пред судот, неговата состојба била исклучително тешка, а помошта што, според проценката на вештакот, била неопходна, не му била пружена навреме.

Се вчитува...